Олеснет пристап на велосипедистите и бесплатни летни тераси за локалите, предлага ВМРО-ДПМНЕ

Интегрален текст од прес конференција на Владимир Нелоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

„Македонија се соочува со една од најголемите кризи во историјата предизвикана од епидемијата на опасниот корона вирус и економска криза од досега невидени размери. Погодени се сите граѓани, а ниту локалните, ниту пак централните власти предводени од СДСМ не прават доволно за да ги заштитат граѓаните и стопанството. Со оглед на фактот дека сообраќајот е драстично намален во периодот на пандемијата ВМРО-ДПМНЕ предлага вонредни мерки за справување со кризата, но и со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје и останатите градови низ државата.

Апелираме истите да бидат прифатени од страна на локалните власти ширум Македонија. А, мерките се следни:

  1. На булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека доколку воопшто ја има да биде привремено наменета за пешаци.
  2. Онаму каде што веќе има велосипедски патеки, а нема услови да се направи една коловозна лента само за нив, да се зголемат тие велосипедски патеки односно нивната ширина да се дуплира се со цел да се овозможи безбедно движење на велосипедистите и оние кои што возат електрични тротинети.
  3. Маалските улици  да се  прогласат за зона 20 каде што максималната дозволена брзина на автомобилите ќе изнесува 20 километри на час, и да се дозволи пешаците, велосипедите, електричните тротинети да ги користат и нив за своето движење.
  4. Да се ослободат од плаќање на паушалот за терасите за летна сезона 2020 година сите угостители во државата.
  5. Јавниот простор пред локалите да биде даден на користење на угостителите додека трае ситуацијата со корона вирусот, се со цел да имаат можност бројот на маси кои го имале во локалот и на терасите заклучно со 18.03.2020 година да ги постават на јавниот простор околу локалите. Оваа мерка предлагаме да важи доколку не бидат одземени повеќе од 30% на просторот за движење на пешаците околу локалите.
  6. Онаму каде што е  имаме платен паркинг на уличките пред локалите, тие паркинг места да бидат искористени и на неколку паркинг места да се постават т.н. „Парклети“ кои што ќе можат да се користат за поставување на клупи, но и дополнително поставување маси за седење и нема да им се одзема простор на оние кои што се движат пешки.

Голем број на градови во Европа и целиот свет веќе има преземено вакви мерки и се очекува во наредниот период да се видат резултатите од зголеменото користење на велосипедите и електричните тротинети насекаде наместо автомобилите токму затоа сметаме дека ова е период во кој што Скопје и останатите градови треба да ги реализираат ваквите „поп уп“ мерки за зголемување на ваквиот начин на движење на граѓаните.

Живееме во време во кое нема простор за суета, здравјето на граѓаните и нивната економска благосостојба е поважна од каприците на власта. Уште еднаш апелираме овие вонредни мерки да бидат прифатени за доброто на сите граѓани.

 

Треба да знаете
Последни објави