Мајските оперски вечери почнуваат вечер со дигиталната премиера на најновата продукција на операта „Кармен”, соопштија од Националната опера и балет.
На нивниот официјален YouTube канал, како што посочуваат, ќе можат да се проследат 10 продукции, осум оперски и две балетски, со кои ќе бидат одбележани Мајските оперски вечери.
На 12 мај ќе се емитува балетската претстава „Рајмонда”, 15 мај „Турандот”, 17 мај „Кавалерија Рустикана” и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност. На 19 мај ќе имате можност да го проследите балетскиот концерт „Балетски бисери” а на 22 мај операта „Фауст”. На 24 мај, по повод празникот „Св. Кирил и Методиј” ќе имате можност да ја проследите операта „Лидија од Македонија” од Ристо Аврамовски. Операта „Адријана Лекуврер” ќе се емитува на 26 мај, а операта „Травијата” на 29 мај. Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај кога ќе се емитува операта „Аида”.
За распоредот на закажаните дигитални премиери, потенцираат од Националната опера и балет, следете ја нашата веб страна www.operabalet.mk, и претплатете се на нашиот официјален јутјуб канал www.youtube.com/user/makoib.