Бројот на невработените лица кои согласно законските прописи се евидентираат во Агенцијата за вработување, во изминатите месеци март и април бележи зголемување, што беше и очекувано, со оглед на целокупната состојба во светот предизвикана од пандемијата на вирусот COVID 19, но се надевам дека во најскоро време ќе се стабилизира целокупната состојба и ќе се вратат во нормален тек сите активности, што ќе придонесе до раздвижување на пазарот на трудот и со тоа и намалување на бројот на невработените лица.
Ова во интервју за МИА го истакнува директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, во кое ги поттикнува и охрабрува, преку условите и поволностите што ги предвидуваат во активните програми и мерки за вработување, и лицата од неформалниот сектор да го формализираат своето работење.
-Бројот на невработените лица кои согласно законските прописи се евидентираат во Агенцијата за вработување, во изминатите месеци март и април бележи зголемување, што беше и очекувано, со оглед на целокупната состојба во светот предизвикана од пандемијата на вирусот COVID 19. За справување со кризата, Владата донесе пакет економски мерки со цел да се помогне на стопанството и да се сочуваат колку што може повеќе работните места на граѓаните. Во изминатите три години како резултат на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработување насочени кон отворање нови работни места, вклучително и активните програми и мерки за вработување што ги реализира Агенцијата за вработување, се забележа континуирано намалување на невработеноста, за што говорат и официјалните податоци од Државниот завод за статистика. Се надевам дека во најскоро време ќе се стабилизира целокупната состојба и ќе се вратат во нормален тек сите активности, што ќе придонесе до раздвижување на пазарот на трудот и со тоа и намалување на бројот на невработените лица, истакнува Јовановска.
Оценува дека во моментов мошне се значајни економските мерки што Владата ги презема за зачувување на работните места и изразува уверување дека сите мерки што се преземаат влијаат и ќе влијаат за спречување на значаен пораст на невработеноста во државата.
Во интервјуто наведува дека охрабруваат и податоците за објавените слободни работни места од страна на работодавачите, кои и во извештајниот период и покрај вонредната состојба заради справување со кризата предизвикана од пандемијата со COVID 19, огласуваа потреба од работници за различни занимања при што дневно се регистрирани помеѓу 4000 и 5000 слободни работни места.
-Агенцијата за вработување објавува податок за приливот и одливот на лица во и од евиденцијата на невработени. Во периодот од 11.03 – 30.04.2020 година од евиденцијата на невработени лица престанале да се водат 1886 лица, поради заснован работен однос. Станува збор за број на лица за кои е регистрирана пријава во задолжително социјално осигурување, а претходно биле евидентирани како невработени лица. Од друга страна, Агенцијата за вработување води и евиденција на регистрирани пријави во задолжително социјално осигурување за лица кои не биле евидентирани во евиденцијата на невработени и тој број е значително поголем. Охрабруваат и податоците за објавените слободни работни места од страна на работодавачите, кои и во извештајниот период и покрај вонредната состојба заради справување со кризата предизвикана од пандемијата со COVID 19, огласуваа потреба од работници за различни занимања и дневно беа регистрирани помеѓу 4000 и 5000 слободни работни места. Огласените слободни работни места од страна на работодавачите се објавуваат и постојано се ажурираат на веб-страната на Агенцијата за вработување. Во моментот, врз основа на доставените пријави за потреба од работник, објавени се речиси 8 000 слободни работни места од страна на приближно 900 работодавачи, вели Јовановска во интервјуто за МИА кое во целост ќе биде објавено утре.