Поп Ацев од стоматолошко столче до трикратен светски првак

Македонскиот маратонски пливач Евгениј Поп Ацев, кој е трикратен светски првак во маратонско пливање за 2015, 2017 и 2019 година, е првиот Македонец победник на Охридскиот маратон. 24 Инфо разговараше со Поп Ацев, кој живее во Велс, каде се уште се на сила мерките против Ковид 19.

Tрикратен светски првак во маратонско пливање за 2015, 2017 и 2019 година без никаква финансиска помош од државата и без спонзорства ?

Иако условите за врвен спорт во Македонија не се идеални, сепак, ние како нација имаме историја на добри резултати во пливањето и голема и долга традиција во маратонско пливање. Има добар кадар во пливачкиот спорт кај нас и со напорна и посветена работа може да се достигне врвно ниво, но е уште потешко да се остане, најмногу поради финансиски причини и лошо организираниот систем кој трае веќе долго време. Така да за нас во пливањето во Македонија има и отежителни околности. За мене од секогаш главна мотивација бил добриот резултат и претставување на мојата држава во најдобро светло. Тоа претставува моја најголема лична сатисфакција, така да мислам дека тоа ме држи толку време мотивиран да тренирам напорно и да се натпреварувам. Секоја година си поставувам цел и работам на исполнување на истата и се трудам проблемите да ги ставам на страна и да не им дозволам да го нарушат мојот план. Некогаш успевам, некогаш не е  можно, но се трудам да извадам максимум од можностите.

Какви последици ќе претрпи пливачкиот спорт од Ковид 19 ?

Да , ќе има големи последици, покрај тоа што се откажани сите натпревари летово, вклучувајќи ги и Олимписките Игри и Европското Првенство, исто така големата пауза која ја правиме сите ќе има голем негативен ефект во понатамошните натопревари и резултати. Пливањето е специфичен спорт и формата се губи многу брзо ако не се тренира, така да и кога пливачите ќе можат да се вратат на нормалите тренинзи пак ќе треба долго време да се вратат во старата форма, најверојатно месеци и месеци.

Може ли да ни објасните како се подготвувавте ?

Веќе повеќе од 6 недели како не пливам и можеби ќе потрае уште толку. Се трудам да задржам рутина на тренирање и да останам во што подобра форма за да може побрзо и полесно да се вратам во старата форма штом ги отворат базените и почнеме да пливаме. Сите од клубот имаат индивидуална програма зададена од тренерите која мора да ја исполниме. Бидејќи пливам на подолги дистанци мојата се состои од повеќе кондициони тренинзи.  Кондицијата ја задржувам со аеробни тренинзи, трчање и возење велосипед два пати дневно по час-час и половина, додека силата и техниката со суви вежби, дом,а специфични за пливање еднаш дневно по околу еден час. Неделно ми се собираат околу 16-17 часа кондициони тренинзи и околу  6 часа тренинзи за сила што е приближно на часовите кои би ги поминал во базен.

Како изгледа еден твој ден за време на пандемијата?

Иако немам некои големи обврски, сепак, денот ми е разновиден, имам рутина и задолжителни суви тренинзи, но и исто така многу време за семејството. Убаво е што имаме квалитенто време заедно со сопругата Алана и ќерката Емилија, кое го користиме да си играме дома  или за прошетки околу нашиот дом или до морето. Така да денот ни е исполнет, интересен и дури и продуктивен.

Kолку што знаеме имате две дестинации на живеење едната е Велс а другата е Македонија каде сте сега во моментот ?

Моментално сум во Велс во Свонси, тука тренирам и живеам, иако голем дел од времето тренирам и во Македонија. За жал овој период не сме во можност да патуваме така да додека трае пандемијата и забраната за патување ќе бидам во Свонси.

Која држава е подобра за живеење ?

Македонија, иако многу го сакам Свонси и ми е омилено место во цела Велика Британија, сепак, лично повеќе би сакал да живеам и работам во Македонија.

Што Ви недостасува од Македонија ?

Најмногу блиските, но исто така многу ми недостаасува начинот на живот кој е сосема е различен од тој во Велс и Велика Британија. Деновите и викендите се поразновидни и поспонатни,  социјализацијата е различна, кујната и др. Овде е исто многу убаво и има доста интересни работи, луѓето се добри и има убави места (Свонси има прекрасно крајбрежје), но, можеби е бидејќи се имам навикнато на таков начин на живот па некако ми е тешко да се одвикнам. Можеби сум престар за менување на навики, хахаха.

Какви се мерките во Велс за коронавирусот?

Слични се мислам како и во Македонија, држење дистанца, затворени сите јавни објекти и продавници за неесенцијални производи. До денес движењето беше лимитарано на само едно излегување за спорт и рекреација или само за купување храна или лекови. Мерките овде почнаа малку подоцна од Македонија, но ќе се олабават подоцна, сега за сега нема најава за олабавување на истите бидејќи се уште нема значително подобрување на ситуацијата како во остатокот на Европа. Така да не се очекува поголема промена во начинот на живот до јуни.

Ако не бевте професионален пливач што ќе бевте ?

Па по се изгледа би бил стоматолог и би го работел тоа полно работно време, но се уште би практикувал некој спорт за здравје и рекреација.

Вие воедно сте доктор по стоматологија како го усогласувате денот ?

Дипломирав Стоматологија на факултетот во Скопје и скоро ја нострифицирав дипломата и во Велика Британија.  Моментално сум повеќе фокусиран на пливањето, иако привремено работам во Скопје и се трудам да сум во тек со струката, но се надевам во иднина ќе продолжам полно работно време како стоматолог бидејќи навистина ја сакам таа професија и сум свесен дека нема да можам да тренирам и се натпреварувам на ова ниво  засекогаш. Двата мои родители се стоматолози, брат ми исто така, така да некако се решив, а и сакав да ја пратам таа традиција иако не чуствував никаков притисок или обврска да го сторам тоа.

За крај, кој е вашиот следен предизвик по завршување на пандемијата?

Тешко е да се планира нешто во оваа ситуација бидејќи не се знае точно кога се ќе се заврши и кои ќе бидат последиците. Исто така не се знае кога би бил следниот натпревар и кога ќе може да се патува, така да сега за сега најголем предизвик ми е да се пазиме, да го сочуваме нашето здравје и овој период да го пребродиме што побрзо, побезбедно и побезболно. Тоа е моментално најголем колективен предизвик за сите, и тоа е најважно. Штом се врати животот во нормала прв чекор ми е да се вратам на старата рутина, тренинзите и во старата форма и да почнам да се подготвувам за следната сезона и за квалификациите за Олимписките Игри кои се преместени за мај 2021. Тоа ќе биде голем предизвик бидејќи ќе имам голема пауза и многу изгубени тренинзи. Исто така искрено се надевам дека ќе се одржи некој натпревар пред крајот на оваа година и дека би можел да се подготвам до тогаш.

Треба да знаете
Последни објави