Програмата „Култура во време на корона” за скопјани денеска ќе понуди два концерта, диџеј настап и панел дискусија.
Како што информираат од Град Скопје, во 19 часот на платото пред Универзална сала концерт ќе одржи групата „Antiart”, а во 20:30 часто на истата локација концерт ќе одржи групата „Bandoff”. Во 22 часот во Универзална сала настап ќе има DJ B!ZAARE, a во 17 часот во Универзална сала ќе се одржи панел дискусијата „Светлосна уметност во карантин.”
Концертите ќе бидат стримувани на: фејсбук страницата на Град Скопје, https://www.facebook.com/CityofSkopje/?ref=br_rs, и на – Youtube каналот на Град Скопје https://www.youtube.com/channel/UChnvnL2Inms7iLk6uzQFyTw.
Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13 април 2020 година, објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона”. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.
Со овој повик, како што стои во соопштението, се поддржуваат маалски изведби во времетраење до два часа и виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти, работилници за деца…, во времетраење до два часа. Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари, а повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.