Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска имаше вклучување во вестите на телевизија Телма каде што посочи дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ пред се е здравјето на граѓаните, а потоа фер и демократски избори.
Мицкоски додаде дека принципот на ВМРО-ДПМНЕ со кој ќе настапи на лидерската средба е прв и основен приоритет е здравјето на граѓаните, а дури потоа може да се дискутира за било какви датуми кои што ќе овозможат фер и демократски презентирање на политичката платформа.
„За да видиме кога ќе се одржат избори сакам да ги слушнам здравствените власти и по тоа да се водам, а исто така и претседателот на ДИК колку време се потребни за подготовки на предвремените парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека според правните норми по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се организиараат изборите.
„Сакаме избори ова лето. Сакаме избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните. Сакаме да бидат избори кои ќе донесат нова власт која ќе знае да се справи со последиците од корона вирусот. Гледате ВМРО-ДПМНЕ води на анкетите, но мене ми е поважно здарвјето на граѓаните, а не да се бројат жртви од корона вирусот“, појасни Мицкоски.
Тој посочи дека се надева дека за датумот на изборите ќе се постигне консензус со останатите политички партии.
„Сценарио од аспект на тоа како понатаму ќе се одвиваат изборните дејства треба да каже ДИК. Практично колку време им е потребно за да го спроведат овој фер и кредибилен изборен процес. Ќе ве потсетам на овие избори и покрај тоа што граѓаните ќе бираат, а политичките партии ќе ја бараат поддршката на граѓаните, морам да ве потсетам дека неопходно е да имаме кредибилно присуство на меѓународни набљудувачи на ОБСЕ и ОДИХР. Вие претпоставувам следите и знаете дека границите на ЕУ остануваат затворени до 14-ти јуни. Понатаму би сакал да ве потсетам дека СЗО за 3 месеци го продолжи рокот за од кога ја прогласи пандемијата. Така што има многу фактори кои што треба да се анализираат пред да ја донесеме конечната одлука“, појасни Мицкоски.
Мицкоски апелираше до сите политички чинители да бидат зрели, да бидат над ситуацијата, да не се загрозува здравјето на граѓаните, и да не се водат од личните партиски интереси, туку да се водат од интересите на граѓаните.
„Не смее тоа дали кафулињата ќе работат, или не работат да ни биде критериум по кој што ние ќе го определиме датумот на изборите“, истакна Мицкоски.