Лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ започна штрајк со глад пред Националното собрание.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Обрадовиќ рече дека со ова му се придружува на независниот пратеник Миладин Шеварлиќ, кој ќе штрајкува со глад поради невозможност, како што рече, да ги придобие пратениците во Собранието да расправаат за нарушувања на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и непочитување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН за Косово.
– Само што се приклучив на проф. Д-р Миладин Шевалиќ во штрајкот со глад пред Домот на Народното собрание. И верувам дека нема да бидам единствениот. Не само заради зачувувањето на Косово како дел од Србија, туку и поради кршење на Уставот, рушење на демократијата и одложување на изборите, напиша Обрадовиќ на Твитер.
Обрадовиќ уште еднаш побара седницата на Собранието на Србија да биде прекината и изборите да бидат одложени до крајот на годината.
Претходно денеска на прес-конференција во српскиот Парламент, Бошко Обрадовиќ изјави дека Двери нема да учествува на претстојните избори закажани за 21 јуни.