Завршниот концерт во рамки на програмата „Култура во време на корона” вечер во 20 часот ќе го одржи музичката група „Суперхикс” на плочникот кај зградите до Педагошкиот факултет во општината Карпош.
Од Град Скопје информираат дека планираат проектот „Култура во време на корона”, што се реализираше во осум општини во Скопје и кој имаше позитивниот прием во јавноста, да го претстави како свој адут во кандидатурата за Европска престолнина на културата за 2028 година.
-На досегашните 50+ настани, настапиле повеќе од 200 изведувачи, со повеќе од 500.000 гледачи на социјалните мрежи и илјадници балкони во осум различни општини во Скопје. Проектот запира со вечерниот настап на познатите „Суперхикс”, а градските културни институции наскоро ќе излезат со адаптирани програми усогласени со идните препораки на Владата, истакнаа на денешната прес-конференција преставниците на градските културни институции.
Никола Наумоски од Град Скопје рече дека тоа што е важно за овој проект е дека сите изведувачи се еднакво платени со минимален износ од 14.500 денари, вклучувајќи ги големите имиња и младите таленти, со цел да се овозможи што поголем број на учесници и што поголем дофат на социјалните ефекти од мерката. – Ниту еден поголем град во соседството не изготви сличен одговор на кризата од коронавирусот во доменот на културата, но се надеваме дека ќе земат позитивен пример од нас и ќе им помогнат на културните работници во своите градови. За жал, мора да напоменам дека овогодинашниот европски главен град на културата – Риека ги запре сите активности до крајот на годината оставајќи стотици локални уметници и културни работници без реализирани проекти од неколкугодишната своја работа, истакна Наумоски.
Русе Арсов од МКЦ говореше за специфичноста на сцената со која работи оваа институција и дека солидарноста како принцип била одлично прифатена меѓу членовите на разните бендови и колективи.
– Имаше музичари што настапија по неколку пати, а беа платени само еднаш, само за солидарно да им овозможат на своите колеги да го заработат својот хонорар, посочи Арсов.
Сермине Пурини од КИЦ додаде дека се стигнати голем број на апликации и дека не можеле сите да се реализираат, иако многу од нив биле квалитетни, па затоа институциите ќе ги имаат предвид за реализација на овие проекти за престојниот период.
Филип Аврамчев од Универзална Сала информираше за финансиските аспекти на кампањата – потрошени се 2,7 милиони денари од градскиот буџет, за хонорари на 168 уметници, културни работници и технички лица, покрај ангажираните вработени од МКЦ, КИЦ и Универзална.
Маалските концерти и онлајн изведбите што ги реализираше Град Скопје се дел од пакетот кризни мерки во однос на културата, а кои беа одговор на барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество”, ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена, како и Синдикатот на културата, информираат од Град Скопје.