Имајќи ги предвид препораките и заклучоците на Светската здравствена организација, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за коронавирусот, како и фактот дека на територијата на нашата држава сѐ уште бројот на заболени не опаѓа со очекувана динамика, Лекарската комора апелира до сите институции, здруженија и граѓани, максимално да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство.
Од таму апелираат посебно да се почитува мерката со која се забранува собирање во група не повеќе од две лица, во паркови и други јавни места и јавни површини.
„Се молат граѓаните без поголема потреба да не ги напуштаат своите домови и да не се собираат и групираат. Почитувањето на мерките во голема мера ќе придонесе за спречување на понатамошно ширење на вирусот“, велат од Лекарската комора.
Со цел да се зачуваат капацитетите во здравството, додаваат од таму, голема поддршка за здравствените работници да се справат со пандемијата е сите институции, здруженија и граѓани да ги почитуваат мерките и насоките за заштита на нивното здравје. Поради тоа, посебен апел Комората упатува до оние кои сѐ уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата во којашто сите заедно се наоѓаме.
„Мерките мора да се почитуваат, бидејќи од тоа зависи како и кога ќе се справиме со овој предизвик. Затоа е потребно да се покаже највисоко ниво на самосвест, солидарност и заедничка одговорност, дека знаеме и можеме да се справиме и со овој голем предизвик со којшто се соочува целиот свет“, се наведува во соопштението на Лекарската комора.