Во Земјите низ Европа се олеснуваат рестриктивните мерки воведени поради коронавирусот, со надеж дека тоа нема да доведе до втор бран на зараза.
Во Франција денеска почнува наставата во основните училишта, но со мал број ученици, а ќе се отворат и продавници за облека, книжарници, фризерници и цвеќарници, додека рестораните, кината и баровите ќе останат затворени.
Во Белгија денеска ќе бидат отворени повеќето од објектите, но со мерки за социјално дистанцирање, а рестораните, баровите и кафулињата ќе бидат затворени до понатамошно известување.
Во Холандија, основните училишта денеска делумно почнуваат со работа, а повторно ќе се отворат библиотеките, клиниките за физиотерапија, училиштата за обука на возачи и фризерските салони.
Во Швајцарија продолжуваат часовите во основните и средните училишта, но со помал број ученици во одделение, а може да се отворат и ресторани, книжарници и музеи, но со одредени ограничувања.
Во некои делови на Шпанија, ќе биде дозволено собирање во групи до десет лица, а рестораните со простор на отворено ќе можат да служат клиентите со почитување на мерки за социјално дистанцирање.
Што се однесува до Велика Британија, еден дел од ограничувањата на движењето ќе биде олеснет оваа недела во Англија, но во другите делови на земјата ќе останат во сила порестриктивните мерки.
Во Данска од денеска е дозволено повторно отворање на трговските центри, а во Полска хотелите можат да продолжат со работа од оваа недела, иако за странците се уште важи двонеделен карантин.