Група од 50 бегалци, од кои 16 се деца без придружба, а останатите возрасни лица кои ќе се спојат со нивните семејства, утрово од Грција заминаа за Велика Британија, во рамките на на Даблинската конвенција, политиката на грчката Влада и европскиот план за релокација, јави дописничката на МИА од Атина.
На атинскиот аеродром бегалците ги испратија алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос, амбасадорката на Велика Британија во Атина Кејт Смит и специјалната секретарка од грчката Влада за заштита на деца бегалци без придружба Ирини Агапидаки.
Денешниот специјален лет е со двојна цел, да ги пренесе бегалците, а на враќање да репатрира 130 Грци од Лондон, кои поради пандемијата не можеа да се вратат во Грција.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција рече дека „овој лет, со двојна цел што на различен, но позитивен начин ги менува животите на речиси 200 луѓе” е резултат на упорната работа на три грчки министерства и на две влади.
-Денеска се прави првиот чекор во спроведувањето на заедничкиот акционен план Грција –Велика Британија што го потпишавме пред неколку денови за справување со мигрантското прашање, рече Кумуцакос.
Британската амбасадорка во Атина, Кејт Смит истакна дека тие сакаат да продолжат да соработуваат со грчката Влада во рамките на Даблинската конвенција.
-Нашата намера е, иако излегуваме од Европската унија да продолжиме со соединување на децата со нивните семејства во Велика Британија. Вложуваме голем напор за да продолжиме да го имаме и во иднина овој резултат, рече Смит.
Во рамките на европскиот план за релокација на 1.600 деца бегалци без придружба од Грција во европските земји, досега заминаа 12 деца за Луксембург и 50 за Германија, а планирано е во следниот период, Финска да прими 100 деца бегалци без придружба, а од Грција за Швајцарија да заминат околу 20 деца.