Соопштение до јавноста, реакција на прес конференцијата на Снежана Калеска Ванчева
„СДСМ ги чита мислењата на Венецијанската комисија согласно нејзините тесно-партиски интереси. Еден ден мислењата на Венецијанската комисија ги издигнува на пиедестал и ги смета за најзначајни во развојот на демократските процеси и владеењето на правото во Македонија, за да веќе наредниот ден, кога не и одговараат ги чита како мислења што се однесуваат само за државите кои се предмет на анализа. Двојните стандарди и лицемерието на СДСМ кон почитувањето на европските стандарди се евидентни во секое нивно партиско соопштение и прес-конференција.
Конфузни се констатациите дека мислењата на Венецијанската комисија се однесуваат само на конкретните држави и дека ВМРО-ДПМНЕ истите ги чита селективно и не ги става во корелација со националните правни акти.
Во оваа прилика сакаме да ја информираме јавноста дека сите мислења на Венецијанската комисија се однесуваат на конкретни држави, на нивните уставни и законски решенија за одредени теми, но преку одделните мислења Комисијата создава европски стандарди, создава европска и демократска правна пракса што има вредност за сите држави.
Оттука, лага е тврдењето на СДСМ дека позитивната оценка што Комисијата ја дала за одржување избори по 60 дена од престанокот на вонредната состојба се однесува само на Грузија, затоа што тоа го има предвидено во нивниот Устав, и дека тоа мислење не важи за другите земји.
Тоа е политичка манипулација и партиски спин што го навредува угледот на Комисијата, а членот на Македонија што ја претставува земјата во Венецијанската комисија тоа мора добро да го знае.
Венецијанската комисија преку анализата на уставните и законските решенија на државите создава правни стандарди познати како soft law кои треба да се почитуваат од сите држави-членки на Советот на Европа.
Не случајно компилацијата на мислењата за вонредната состојба за сите органи на Советот на Европа е основата врз која се градат 12-те бенчмаркови за државите, важни правила како треба да се организира државата во услови на вонредна состојба. Еден од тие бенчмаркови се и изборите и вонредната состојба.
Од друга страна, деновиве и ОБСЕ излезе со официјален став дека избори во време на пандемија можат да ги загрозат меѓународните стандарди. Сите релевантни меѓународни организации се мошне внимателни кога станува збор за одржување избори во пандемиски услови само СДСМ сака да лови во матно, да ги занемари сите европски укажувања и да ја турка државата во уште поголема неизвесност и штетни последици по здравјето на луѓето.
Кога сме кај националните изборни правила ја прашуваме СДСМ дали со уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес спротивно на сите европски стандарди одлучи арбитрерно да создаде нови изборни правила што не се предвидени во Изборниот законик?
Дали со таквото арбитрерно однесување не ги повреди ставовите на Венецијанската комисија кои се на линија дека со уредбите донесени во вонредна состојба не смеат да се создаваат нови правила кои пред состојбата не биле предвидени во Уставот и во законите на државата?
СДСМ мора да и одговори на јавноста зошто одлучи да го прекрши Изборниот законик и неовластено да се впушти во уредување на изборни правила што воопшто не постојат во Изборниот законик?
Зошто СДСМ не ги почитува Уставот и Изборниот законик и зошто свесно ја втурна владата да уредува прашања што не се во нејзина надлежност?
Владата нема право со уредба со законска сила да запира, ниту да продолжува веќе започнати изборни дејствија, затоа што такви категории не се уредени во Изборниот законик, ниту во Уставот.
СДСМ арбитрерно се наметна како главен фактор во создавање изборни правила што воопшто не постојат во нашето изборно законодавство.
СДСМ уште еднаш ја злоупотреби владата за партиски и криминални цели.