Чешките медиуми именуваа вработен во руска агенција за странска помош како осомничен во заговорот за атентат против официјални претставници на Прага. Агенцијата ги нарече обвинувањата чиста провокација, пренесува Риа Новости.
„Нашиот претставник е млад човек кој зборува течно чешки и ја сака земјата. Ова е неоснована, чиста провокација од чешките власти “, изјави шефот на „Росотрудничество“, Елеонора Митрофанова.
Агенцијата на Митрофанова дејствува на продлабочување културните врски и на хуманитарни проекти. Но, еден од нејзините вработени, Андреј Кончаков, сега е во центарот на дипломатскиот скандал меѓу Русија и Чешката Република, кој неодамна се претвори во шпионски трилер.
Заплетот дополнително се вжешти откако чешките медиуми го идентификуваа вршителот на должноста шеф на прашкиот огранок на на „ Росотрудничество “, како осомничен шпион, кој, наводно, шверцувал отров рицин во земјата наменет за атентат.
Според телевизискиот канал ЦТ1, чешкото разузнавање добило дојава за Кончаков од колега од странска агенција. Меѓутоа, кога тој пристигнал во Прага на 14 март и наводно во торбицата го носел токсинот, тие не се обиделе да го пресретнат зашто биле загрижени дека дојавата може да е погрешна или да е дезинформација раширена од руските безбедносни служби за да ги направат будали чешките колеги.
Весникот „Сезнам“ го идентификуваше Кончаков како осомничен рицин- курир, тврдење што тој мирно го демантираше кога се соочи со новинарите пред зградата на амбасадата.
„Мора да е грешка, во куферот носев средства за дезинфекција и бонбони“, изјави Кончаков.
Шпионската приказна првпат ја објави списанието „Респект“ пред две седмици, кога напиша дека градоначалникот на Прага, Зденек Хриб, и двајца шефови на општини се под полициска заштота поради наводна опасност од руски атентат. Москва беше обвинета дека ги сакала луѓето мртви поради улогите што ги играле при уривањето на статуата на славниот советски воен командант кој ги предводел силите што ја ослободија Прага за време на Втората светска војна.
Москва ја критикуваше чешката влада затоа што се дистанцираше од отстранување на статуата на маршалот Иван Конев, што Русија го смета за навреда за жртвите поднесени од советските трупи. Уривањето се случи на почетокот на април, но беше нарачано во септември минатата година.
Според „Сезнам“, полицијата не била предупредена за заканата до 6 април, повеќе од три недели по пристигнувањето на Кончаков. Во извештајот се сугерира дека чешките агенти се надевале дека ќе го фатат на дело додека му го предава рицинот на можниот атентатор.