Кинескиот претседател Си Џинпинг лично побарал од директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Адхан Гебресејус да го одложи глобалното предупредување за заканата од коронавирусот, се тврди во ексклузивниот нов текст на германскиот весник „Шпигел“, кој се повикува на нивна Сојузна разузнавачака служба (БНД).
Според сознанијата на службата, кинескиот претседател на 21 јануари побарал од директорот на СЗО да не ја објави информацијата за преносот на коронавирусот САРС-ЦоВ-2 од човек на човек и да го одложи предупредувањето за пандемија.
„БНД проценува дека заради кинеската информативна политика изгубени се четири до шест недели за борба против коронавирусот во светот“ заклучува германската разузнавачка служба.
СЗО викендов, по откритието на „Шпигел“, официјално ги демантира заклучоците на БНД, тврдејќи дека извештаите на „Шпигел“ за телефонскиот разговор меѓу генералниот директор на СЗО и кинескиот претседател се нетемелни и невистинити.
„Тедрос и претседателот Џинпинг не разговарале на 21 јануари и никогаш не разговарале телефонски…Кина го потврди преносот на коронавирусот од човек на човек на 20 јануари“ се додава во демантот на СЗО.
Првиот кинески епидемиолог Жонг Наншан, навистина на 20 јануари беше првиот кинески претставник, кој јавно призна дека коронавирусот се пренесува од човек на човек, иако, како што пренесоа некои медиуми, кинескиот режим барем шест дена претходно знаел дека вирусот така се пренесува, што го потврдува и интерниот документ до кој дојде АП.
Кинеските власти воведоа карантин во Вухан дури на 23 јануари. Од почетокот на јануари до тоја датум неколку милиони луѓе поминаа низ тој град или го напуштија Вухан.
СЗО на 14 јануари дури објави на Твитер дека прелиминарната истрага која ја спровеле кинеските власти не пронашла никакви јасни докази за пренос на новиот коронавирус од човек на човек.