Битолски музичар прободен со нож од соседот, му пречел он-лајн концертот

Битолскиот музичар Пеце Петровски (29) во саботата навечер бил прободен со нож во пределот на раката од страна на негов сосед, бидејќи му сметала музиката за време на онлајн концертот, кој Петровски го пренесувал на социјалните мрежи, пишува „Фокус“

Како што појаснува Пеце за „Фокус“, правел онлајн Фејсбук концерт, во чест на малиот Лука од Битола, момче кое има аутизам, а чија мајка во неколку наврати јавно раскажуваше дека имаат проблем со еден од соседите, кој не ги сакал да живеат во нивна близина поради состојбата на детето.

Со намера да ја подигне јавната свест за случајот со момчето, и надевајќи се дека информацијата за нивниот проблем ќе дојде до вистинските раце, но и да ги расположи, тој го започнал концертот кој се пренесувал во живо. Живее во зграда, на првиот кат, и пеел од својот дом.

-Се тргна како што треба, но во еден момент се слушнаа удари на мојот прозорец. Го прекинав видеото во живо, за да видам што се случува. Го забележав мојот сосед Бојан, од соседната зграда, видно вознемирен и хистеричен. Започна да се расправа со мене, да ме навредува… Го прашав што е проблемот, тој почна да вика – Копиле, излези надвор, не можам да спијам! Излегов со цел да му појаснам што всушност правам, сакав на мирен начин да се реши ситуацијата. Во еден момент тој извади нож и ми го заби во раката, се обиде уште еднаш, но во намерата го спречи мојот колега Дарко, којшто со удар го одвлече од мене. Бојан стана и се упати кон својот дом со зборовите – Пеце, имаш среќа што не слегов со сатарот!- раскажува повредениот музичар, појаснувајќи дека неговиот сосед е возрасно лице, на околу 35-годишна возраст.

Потоа неговиот пријател Дарко повикал полиција, а Пеце со возилото на брзата помош бил упатен кон ургентното одделение.

-Дојдоа и сведоците, од болницата се упатив кон битолската полициска станица, каде сите дадовме изјава за настанот. Соседот беше приведен, а ножот беше одземен. Раната ми е санирана, а денес ќе поднесам приватна тужба, веќе ангажирав адвокати – појаснува Петровски.

Наведува дека не му било првпат да пее од дома, но никогаш немало поплаки.

– Целта ми беше да се сврти вниманието кон малиот Лука и да му се помогне на неговото семејство. За него прочитав на Фејсбук, се ставив во нивна кожа, едноставно сакав да помогнам. Како човек, секогаш тргнувам од она, дека може секому да му се случи истото– вели Пеце.

Треба да знаете
Последни објави