Екипите на Град Скопје почнаа со изведба на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, на потегот од крстосницата со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ до крстосницата со улиците „Ќемал Сејфула“ и „Бутелска“. Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и на општина Бутел, Велимир Смилевски.
-Очекуваме во наредните десетина месеци да дојде до спојување со трасата на булеварот „Босна и Херцеговина“ што веќе се работи. Граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение со кое се спојуваат булеварот „Словенија“, „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Со тоа го реализираме она што го зборувавме со граѓаните во текот на кампањата, да почне да се формира северниот секундарен прстен околу градот. Градот Скопје нема алтернатива освен да гради добра инфраструктура за да го подобри развојот. Овде станува збор за нови 1.700 метри булевар, со ширина од 40 метри, со шест коловозни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки и централно и странично зеленило што ќе овозможи развој на градот во наредните триесетина години – рече денеска градоначалникот Шилегов.
За реализацијата на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ од Буџетот на Град Скопје се издвоени околу 100 милиони денари со пресметан ДДВ.
Шилегов упати апел до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено воведениот сообраќаен режим и да ја почитуваат поставената патна сигнализација, а брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.
За потсетување, некогашната улица „Босна и Херцеговина“ е изградена пред 40-на години, од тогаш асфалтот не е променет, а улицата била широка само 7 метри.