Народниот правобранител го прогласи овој мај за месец на човековите права и слободи
Ако сметате дека сите врати ви се затворени и нема кој да ве заштити, една врата секогаш е отворена, тоа е вратата на Народниот правобранител. Народниот правобранител помага граѓаните полесно да ги остваруваат своите слободи и права.
Народниот правобранител е независен, непристрасен, обезбедува бесплатна услуга, а јазикот на обраќање не претставува пречка. Секој може да му се обрати без разлика на полот, расата, бојата на кожа, вероисповедта, етничката или партиска припадност, имотна или социјална положба.
Народниот правобранител јавно, чесно и стручно ги следи и надгледува постапувањата на органите на власта.
https://www.facebook.com/ombudsman.mk/videos/3185316554833332/?v=3185316554833332
Граѓаните чии права се повредени, а особено оние погодени од сиромаштија, оние кои живеат на маргините на општеството, лицата со попреченост, оние кои се лишени од слобода, дискриминирани на која било основа, жртви на домашно насилство, трговија со луѓе итн. Сите оние кои имаат ограничен или компромитиран пристап до ресурсите и можностите потребни за целосно учество во општеството, може да се обратат кај Народниот правобранител доколку сметаат дека некое нивно право е повредено од страна на државата. Повредите на правата на граѓаните може да бидат од разни причини – поради погрешна примена на законите, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на одредбите на управната постапка, непостапување по барањата на граѓаните, непотребно одолжување на постапките и слично.
Во 2017 и 2019 година Народниот правобранител започна да ги спроведува новите надлежности со што ги зголеми можностите за заштита на правата на граѓаните. Покрај веќе постојните надлежности, Народниот правобранител почна да дејстува како Пријател на судот, Механизам за граѓанска контрола, да врши мониторинг на спроведувањето на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост и да дејствува како Национален известувач за трговија со луѓе.
Оваа година Народниот правобранител го прогласи месецот „мај“ како Месец на човековите права и слободи и по тој повод јавно апелира до сите граѓани – побарајте помош за остварување на вашите права!
Секогаш кога сметате дека ви е потребна помош од Народниот правобранител, може да се обратите лично во неговата канцеларија во Скопје, како и во подрачните канцеларии во: Тетово, Кичево, Штип, Струмица, Куманово и Битола по телефон, писмено по пошта, телефакс или по електронски пат.
Повеќе информации за надлежностите на Народниот правобранител побарајте на официјалната веб страница ombudsman.mk (линк www.ombudsman.mk).