„Најсреќниот човек на светот”- новиот филм во развој на продукцијата „Сестри и брат Митевски” во режија на Теона Стругар Митевска, доби поддршка од Креативна Европа МЕДИА во износ од 30.000 евра на повикот за „Развој на проекти”.
Филмот е по сценарио на Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ и ќе биде претставен на Канскиот филмски фестивал пред повеќе продуценти, дистрибутери, продажни агенти, фестивалски селектори како дел од програмата за развој на проекти Ателjе. Филмот „Најсреќниот човек на светот” ја доби и првата награда за развој на проект од Еуроимаж во висина од 20.000 евра во рамките на маркетот Синелинк на Сараевскиот филмски фестивал.
Воедно, минатата недела МЕДИА Деск МК официјално објави и дека фестивалот на креативен документарен филм „Македокс” петта година по ред доби поддршка од Креативна Европа МЕДИА на повикот за Фестивали .
– Поддршката за „Македокс” се однесува за изданието во 2020-та година и изнесува 27.000 евра. Фестивалот „Македокс” веќе го најави и партнерството со три фестивали на документарен филм (ДОК.фест Минхен, Докс Барселона и ФИПАДОК) со кои заедно ја формираат мрежата ФестДокс Нетворк. Партнерството меѓу овие четири клучни фестивали за документарни филмови е резултат на заедничката цел за поддршка и промоција на исклучителните креативни документарни филмови, како и зголемување на нивната достапност кон што поголема публика, соопштуваат од Креативна Европа МЕДИА Деск МК.