На овој ден, 12 мај се одбележува 200 годишнината од раѓањето на Флоренс Најтингејл, а светот треба да се фокусира врз уникатната улога на медицинските сестри, да им се заблагодари на нивниот несебичен придонес во борбата со Ковид-19 и да повика да се инвестира во сестринството. Не смееме повторно да бидеме неподготвени за глобална пандемија, соопштија од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС).
Овогодишната тема на Меѓународната недела на сестринството, што одбележува од 5 мај до денеска, е „Медицински сестри: Глас што води – Грижејќи се за здравјето на светот”, и таа, како што посочуваат од Здружението, не можеше да биде посоодветна за да покаже како сестрите имаат централно значење во решавање на разновидни здравствени предизвици, вклучително и пандемијата со Ковид-19. Во рамки на одбележувањето денеска во 12 часот ќе се одржи он лајн академија, а емисијата посветена на сестринството ќе биде премиерно емитувана на ФБ страницата на Здружението – zanas.mk.
Од Здружението лобираат за академско ниво, безбедни работни места, повисоки плати, забрзување на напредокот на универзална здравствена нега и покривање на населението кое нема пристап до здравствените сервиси, градење на млади лидери во нивната професија.
-Медицинските сестри се грижат за сите во светот. Во изминатиот период нивната работа беше уште потешка. Им благодариме за влогот и трудот кои го вложија. На Меѓународниот ден на медицинските сестри одаваме почит за сите кои застанаа во првите борбени редови против коронавирусот, напиша Филипче на Фејсбук.
Честитки по повод Светскиот ден на медицинските сестри со благодарност на нивниот ангажман особено во период на коронавирусот со објави на Фејсбук упатија министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Оливер Спасовски.