Во Франција нема да има верски обреди до 29 мај

Франција од вчера влезе во фазата на олеснување на мерките на ограничување, сепак верските обреди во верските објекти (освен погребите) не се дозволени се до 29 мај, јави дописникот на МИА.

Француската Влада предвидува почеток на верските обреди во верските објекти на 29 мај, датум кој се совпаѓа со верскиот календар на христијанската, муслманската и еврејската верска заедница.

Сите верски заедници во Франција, покрај нивната првична нестрпливост да почнат со служење на верските обреди и активности, сега се претпазливи и трпеливи. Во Франција се дозволени со законот за вонредната санитарна состојба, јавни собири на кои можат максимално да присуствуваат десет лица, Од тука и упатството на католичката црква до своето свештенство да се прилагоди на ситуацијата, односно враќање на „нормалниот живот” кога тоа ќе биде можно. Се советуваат богослужби со помалку од десет лица, сепак најголемиот број од епархиите и католичките движења побараа од своите вработени да продолжат со работа од дома.

Најхрабри се во Алзас, кој беше еден од регионите најпогоден со коронавирусот и каде се бара од свештенството да започне со директни средби со верниците, но со почитување на мерките, односно помалку од десет лица во директен контакт и со мерките на заштита.

Сепак ректорот на Големата џамија во Париз, Шем-Един Хафиз, не е задоволен со предвидениот датум од 29 мај, бидејќи муслиманскиот празник Аид е само четири дена пред еврејскиот и христијанскиот духовден, за него ова е „дискриминација”. Тој најави дека и по судски пат ќе бара да олеснувањето на мерките, односно репризата на верските обреди да биде дозволена започнувајќи од 24 мај.

Од средината на март, огромното мнозинство на џамии во Франција, се затворени за јавноста и сите колективни молитви се прекинати, особено петочните и ноќните молитви за Рамазан.

Треба да знаете
Последни објави