Состојбата во Белгија со коронавирусот продолжува да се подобрува, соопштија здравствените власти иако е сѐ уште рано за дефинитивни заклучоци, јавува дописничката на МИА од Брисел.
За 24 часа се констатирани 43 нови хоспитализации, што е за прв пат под прагот од 50, додека пак регистрирани се 65 смртни случаи, што исто така претставува пад во однос на претходните денови.
Бројот на тестирани постојано расте, а првите мерки на олабавување се на сила од вчера.
Освен есенцијалните продавници и супермаркети, од вчера работат и сите други дуќани, освен фризерници, козметички салони и други активности за кои е потребен близок контакт со клиентот.
На граѓаните им е дозволено од вчера да се собираат дома но секогаш со истите четири лица.
Од идниот понеделник, доколку продолжи надолниот тренд на инфекции, би требало да се отворат и козметичките салони, да се прошири бројката на лица со кои е дозволен редовен контакт. За отворањето на границите пак не е планирано да се разговара пред јуни.