Три држави од Арапскиот Залив побарале помош од Израел во борбата против пандемијата на коронавирусот, изјави претставник на водечката болница во Израел, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и трета, неименувана земја, биле во редовен контакт со медицинскиот центар „Шиба“, рече Јоил Харевен, кој го предводи меѓународниот оддел на болницата.
Бахреин и ОАЕ веќе биле во контакт со болницата пред избувнувањето на кризата. Во март постар член на кралското семејство од Емиратите дошол во приватна посета на болницата.
„Постои зголемена подготвеност да комуницираат со нас, дури и отворено, во здравствената сфера. Овие работи се случуваат бавно, но се случуваат. Можеби не на меѓувладино ниво како што би сакале, но работите се случуваат“, вели Харевен.
Третата земја, најверојатно Кувајт, побарала помош за инсталирање телемедицински систем за лекување на пациенти со Ковид-19 од далечина.
Според Харевен, договорот, најверојатно, ќе заврши со идна соработка меѓу двете земји на владино ниво. Земјите од Арапскиот Залив ја признаваат моќта на иновациите во Израел, особено во здравствениот сектор, па дури и почнуваат да ја признаваат јавно, рече тој.
„Тоа е навистина почеток на едно многу фасцинантно патување – за целата израелска јавност не само за медицинската сфера или за медицинскиот центар ‘Шиба’. Како да напправиме чекор напред кон воспоставување дипломатски врски? Тоа ќе одлучат политичарите и дипломатите“.
Рабинот Марк Шнаер, кој помогнал да се воспостави врската помеѓу „Шиба“ и владата на Бахреин, вели дека тројца од шесте члена на Советот за соработка во Заливот сега се ангажирани со здравствениот систем на Израел.
„Тоа е 50-отстотна застапеност во Заливот, многу значаен развој. Во текот на целата пандемија имав контакт со сите мои пријатели во Заливот, членови на кралските семејства, амбасадори итн. Тие продолжуваат да изразуваат желба да соработуваат и да работат со Израел, особено кога станува збор за здравствената индустрија. Ковид-19 е вистинска можност за заедничка соработка“, рече тој во телефонското интервју за „Тајмс оф Израел“.
Минатата недела амбасадорот на ОАЕ во ОН во Њујорк, Лана Нусејбех, не сакаше да потврди заедничка соработка меѓу Израел и ОАЕ, но рече дека не треба да се отфрли таква можност.
„Сигурна сум дека има многу простор за соработка. Мислам дека не би се спротивставиле на тоа зашто јавното здравство треба да биде неполитизиран простор, каде што сите ќе се обидеме да ги собереме своите знаења за овој вирус“, рече таа на онлајн-конференцијата организирана од американскиот Еврејски комитет.