Уште еден пациент заболен од Ковид 19 почина, оздравени се пет, а нови заболени од вирусот има десет, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција. Според него, во изминативе 24 часа се направени 189 тестови, и демантираше дека намерно се намалува бројот на тестирања.
-Регистрирани се пет оздравени пациенти и тоа во Скопје и во Неготино. Потврдени се 10 нови случаи со Ковид-19 и тоа во Скопје-6, Куманово-2, Прилеп-1 и Велес-1. На Клиниката за инфективни болести почина 60-годишен пациент од Делчево, кој имаше и малигни болести. Вкупно дијагностицитани од почетокот на епидемијата, досега, во државава се 1.674, оздравени се 1.205, починати 92, а активни се 377 случаи на Инфективната клиника се примени тројца нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 41 пациент. Во Градската општа болница „8 Септември” се примени 13 пациенти, а вкупно се хоспитализирани 25 пациенти. На инфективните одделенија во Битола, Штип, Прилеп, Велес, Куманово, Тетово и Охрид се хоспитализирани 64 пациенти, рече Филипче.
Нагласи дека во изминатите 24 часа се направени 189 тестирања и во врска со бројот на извршени тестирања тој ги отфрли шпекулациите дека има причина или дека тенденциозно се намалува нивниот број.
– Тоа не е така. Факт е дека е значително намалена бројката на направени тестови заради тоа што нема доволен број на пациенти кои имаат симпотоми и имаат вистинска индикација за тестирање, а тоа е тоа што сакавме да го постигнеме, додаде Филипче.
Според него, Комисијата за заразни болести донела одлука да се намалат мерките поради исполнување на три критериуми утврдени од СЗО- индикаторот за заразени кој е под 1, како и подготвеноста на здравствениот систем и дека состојбата со епидемијата е стабилна.
-Оваа недела да се отворат и да се вратат во функција центрите за едукација, обука, семинари на возрасни, организација на седници, органи за управување и конференции, авто школи, испитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови, тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер без угостителска дејност, и затворени трговски центри односно молови без угостителска дејност, како и центрите за рехабилитација на слух, говор и глас кои целосно ги подготвија капацитетите.Условите за олабавување на мерките и постепено враќање во нормала се правени врз основа на три критериуми, дали епидемијата е под контрола, дали здравствениот систем може да се справи со сегашниот број пациенти и евентуално поголем број, како и дали е во можност да врши надзор врз нив и да ги идентификува нивните контакти. Во однос на првиот критериум, според министерот, Р0 факторот на пренос треба да е помал од 1, а кај нас подолг период е од 0,6 до 0,9, што значи дека еден пациент заразува помалку од едно лице. Исто така, здравствениот систем може да ги изменаџира сите случаи, бидејќи, како што рече, во целиот период во ниту еден момент не биле целосно искористени болничните капацитети. Дополнително, рече Филипче, системот има и капацитет за откривање на контактите на поврзани со новодијагностицираните, рече Филипче.
Тој се осврна и на ризиците што можат да ја влошат епидемиолошката слика, како што се патувањата на наши граѓани во странство и враќање назад, враќање на децата во училиште… Тоа, рече министерот за здравство, се фактори кои можат да ја влошат состојбата, исто како и дополнителен евентуален број на заболени од сезонски грип кој се враќа во есенските месеци.
После следењето на епидемиолошката состојба откако ќе се вратат во функција сите овие економски оператори, потенцира министерот, следната недела во предвид е да се препорача и отворање на угостителските објекти со послужување, спортските тренинзи на отворено за колективни спортови, и повторно после епидемиолошката анализа и следење на состојбата следната недела после таа, игрите на среќа во казина, автомат клубови, тренинзи во затворени спортски објети и базени, работа на теретани фитнис клбови и хотелски објекти.