Сметам дека направивме прилично успешен модел на борба со вирусот. Попуштање на мерките да биде само во одредени градови и региони е тешко да се препорача, бидејќи од самиот почеток имавме пристап на национално ниво. Попуштањето ќе оди така, изјави министерот за здравство, Венко Филипче во гостувањето во „Утрински Брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Според него, на вчерашниот состанок разговарале за олабавување на некои мерки, но денеска се финализира таа дискусија.
-Треба да се финализира целиот детален план и препораките за функционирање. Целокупниот материјал е спремен, но кога ќе се прецизира датумот ќе се дискутира денес. Ние направивме еден наш автентичен модел според карактеристиките на населението. Две држави не може да се споредат една со друга. Кога ги димензионираме мерките и сега кога разговараме за нивно олабавување имам предвид дека станува за комплексен систем, а не за црно-бела ситуација кога нешто може да се имплементира, а после да се попушти. Станува збор за комбинација на мерки кои доколку се почитуваат ќе значи и намалување на трансмисијата на вирусот. Ние сме една од првите земји во Европа која препорача носење на заштитни маски, која доколку се почитува имаме сериозна шанса и покрај тоа што ќе препорачаме зголемена слобода на движење и скратување на полицискиот час, ќе имаме една од повеќето мерки која што ќе го спречи ширењето на вирусот, вели Филипче.