Властите во Јужна Кореја користат комбинација на податоци од мобилни телефони и изводи од кредитни картички за да ги идентификуваат оние кои ги посетиле ноќните клубови во Сеул.
Ноќните клубови станаа извор на повеќе од 100 нови случаи на коронавирус.
Зголемувањето на бројот на нови случаи на Ковид-19 е поврзано со ноќните клубови донесе страв од втор бран на епидемијата во Јужна Кореја, која важеше за една од земјите која успешно се справи со ширењето на вирусот, пренесува Ројтерс.
Здраветвсните работници следел и тестирале илјадници луѓе поврзани со ноќните клубови и барови во Сеул, но сакаат да ги пронајдат оние кои не успеале да ги идентификуваат.
Корејскиот центар за контрола и превенција на болести денеска соопшти дека најмалку 102 лица биле позитивни на коронавирусот, а поврзани се со ноќните клубови и барови.
Некои клубови кои се во центарот на вниманието, се познати и како места каде се собираат припадници на ЛГБТ заедницата, а бидејќи во конзервативната земја овие лица се соочуваат со секојдневна дискриминација, властите стравуваат дека токму затоа тие кои ги посетуваат баровите избегнуваат да се тестираат.
Поради тоа властите соопштија дека тие што ќе се тестираат не мораат да го кажат своето име. Повеќето од посетителите оставаат лажни имиња и телефонски броеви на влезот од клубовите, што им ја отежнува работата на властите.
Јужна Кореја беше пофалена поради брзото делување на епидемијата зошто имаше масовно тестирање и агресивно барање на контакти и успеа значајно да го намали бројот на нови случаи на инфицирани.
Вкупно во земјата се потврдени 10.936 случаи на коронавирус и 258 починати.