Иако документот сѐ уште не е достапен и не е исклучено да претрпи измени до објавувањето, експертите од Европската комисија (ЕК) денеска ги брифираа новинарите за главните препораки кои ќе излезат од овој документ, јави дописничката на МИА од Брисел.
ЕК продолжува силно да инсистира на добра координација меѓу земјите членки, посебно со непосредните соседи.
Затворањето на границите кое беше одлучено од поединечни земји членки на почетокот на пандемијата не е во согласност со ставот на Европската Комисија од старт, меѓутоа ЕК се надева дека со дистанцата и стекнатото искуство од март до денеска, земјите членки ќе бидат поотворени за ставот на извршната европска власт.
-Добра координација е потреба за излезните мерки да бидат кохерентни, велат од ЕК.
Од почетокот на кризата министрите за здравство на ЕУ и комесарката за здравство, Стела Кириакидис се сретнуваат секоја недела за да ја проценат состојбата.
Експертите од ЕК и од Европскиот центар за контрола на болести кои деноноќно работат на ова прашање оценуваат дека во следната фаза клучни ќе бидат епидемиолошките критериуми кај секоја од земјите, како и мониторингот, следењето и капацитетот за тестирање.
ЕК ќе препорача постепено укинување на граничните рестрикции внатре во ЕУ (за надворешните сѐ уште не станува збор).
-Гледаме дефинитивен тренд во сите земјите на ЕУ на значајно намалување на бројот на случаи и на бројот на хоспитализации, тоа не значи дека пандемијата е готова, но зборуваме за менаџирање со пандемијата на долг рок, велат експертите.
На земјите членки ќе биде врз основа на утврдените критериуми од страна на научната заедница да одлучат кога и како ќе ги кренат рестрикциите на своите граници, со кои земји, но ќе мораат да внимаваат истовремено да не создадат дискриминација. Пропорционалноста, заедно со физичкото дистанцирање и прогресивното укинување на границите е еден од темелите на пост-ковид стратегијата.
Целта е да се избегне по секоја цена втор бран на епидемијата, тука научниците сметаат дека имаат доволна дистанца во однос на првиот бран и дека се извлечени значителни лекции кои би требале да овозможат избегнување на втор бран.
-Препораките се темелат на проценка на епидемиолошката состојба во земјите, еден од условите за укинување на контролите на границите е споредбата на епидемиолошките состојби меѓу земји, ако се слични, може да се започне едната фаза, велат од ЕК.
Што се однесува до државните карантини какви што ги има на Балканот, и какви што планираат да воведат некои земји членки на ЕУ, Европската Комисија смета дека „не се добра идеја”.
-Треба што е можно помалку да се ставаат во карантин граѓаните ЕУ затоа што ситуацијата во однос на социјално дистанцирање и изолација се слични во сите земји, така што можете да им дозволите да влезат без да има голем подем, објаснија експертите пред медиумите денеска.
Во секој случај, Европската Комисија се противи на “бланко карантини” за граѓаните на ЕУ.
ЕК исто така е против “имунолошките пасоши” кои се споменуваат, прво затоа што не се знае точно колку време трае стекнатиот имунитет, а притоа на други места во светот е забележан тренд на лица кои намерно се заразуваат надевајќи се дека ќе стекнат имунитет.