Унгарија ги критикува нордиските нации за ширење лаги и лажни вести

Во најновиот дипломатски судир, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги повика нордиските земји да престанат да шират лаги и лажни вести за Унгарија, а нордиските амбасадори беа повикани и на разговори, пренесува „Спутник“.

Причината за унгарскиот гнев е заедничкото писмо што го напишаа нордиските министри за надворешни работи до Европскиот совет, во кое изразуваат загриженост за унгарската демократија и владеењето на правото во земјата заради итното доделување дополнителни овластувања на унгарската влада за време на пандемијата со коронавирусот.

Сијарто ја нарече критиката претерана и лажна.

„Лаги за градење диктатура со бесконечна и неограничена моќ и слично“, напиша Сијарто за нордиското писмо на Фејсбук.

„Да разјасниме една работа: Унгарија е нација која е постара од еден милениум и не побара никакво патетично и лицемерно водство. Имајте доверба дека ние, унгарскиот народ, можеме сами да одлучиме што сакаме и што не сакаме“, додаде тој.

Во официјалниот одговор, Сијарто ја изрази својата длабока загриженост и разочарување поради, како што рече, политички мотивираните напади врз неговата земја. Тој увери во пропорционалноста и потребата од преземените мерки и изрази загриженост во врска со кружењето лажни вести за членовите на европското семејство.

Писмото на нордиските министри до генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, беше напишано на иницијатива на данскиот министер за надворешни работи, Јепе Кофод и беше испратено на 6 мај.

„Го поздравуваме вашето писмо од 24 март до премиерот Орбан и ја споделуваме загриженоста изразена во тоа писмо. Целосно го поддржуваме вашето потсетување за сите нас земји-членки дека мерките преземени под исклучителни околности на пандемијата мора да бидат во согласност со националните устави и меѓународните правни стандарди и суштината на демократските принципи. Тие мора да бидат пропорционални и ограничени на време. Дури и во итни случаи, владеењето на законот мора да биде прво“, напишаа данскиот министер Јепе Кофод, финскиот Пека Хаависто, исландскиот Гудлаугур Тор Тордарсон, норвешкиот Ине Ериксен Сореид и шведската министерка Ен Линде.

Пејчиновиќ Буриќ, поранешна министерка за надворешни работи на Хрватска, беше првата што реагираше на унгарските закони за вонредни состојби.

Треба да знаете
Последни објави