Комисијата за заразни болести ќе испрати предлог до Владата за олабавување на мерките и да се овозможи ставање во функција најпрво на центрите за едукација, испитните центри, спортските обложувалници и затворените трговски центри, информираше на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Овие дејности би функционирале во часовите во кои е дозволено движење на населението. Засега не се планираат промени во полицискиот час.
На новинарско прашање за најавениот протест против полицискиот час, Филипче рече:
„Во однос на протестот сакам да кажам две работи. Искрено се надевам дека се граѓаните свесни дека овие рестриктивни мерки, оној целосно затворен викенд за Велигден, сериозно долгиот полициски час неколку недели, после тоа соодветното димензионирање на полицискиот час во викендите што следеа, практично нѐ донесоа до тоа да имаме многу малку пациенти. И знам дека е тешко и им благодарам на граѓаните и им честитам што издржаа, заради тоа што тоа беше вистинска инвестиција во сопственото и во колективното здравје. Засега не размислуваме да го скратиме (полицискиот час) заради тоа што сметаме дека сѐ уште една таква мерка ни треба. Сега кога веќе спласнува сѐ, треба да се издржи само уште малку.“