“Денеска сме во посета на Командата за операции на нашата Армија и тоа пред зградата во која што ќе биде седиштето на командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG). Од септември Република Северна Македонија станува домаќин на оваа бригада која што е една од најсилните регионални иницијативи и шест години практично ќе бидеме домаќин на целата оваа команда каде што очекуваме околу 40 припадници на вооружените сили од земјите членки и дополнително повеќе од 10 наши припадници”, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Куманово.
Шекеринска посочи дека за оваа намена се адаптира зграда во касарнатата која 6 години ќе биде центар на сите регионални иницијативи и регионална соработка.
“Бригадата е иницијативата што обединува шест земји и е стартувана токму во Скопје во 1999, меѓутоа ова е прв пат ние да сме домаќин на бригадата и во овој момент практично сите земји членки се веќе членки и на НАТО. Така што, во годината кога станавме членка на НАТО стануваме и домаќин на оваа важна регионална иницијатива и очекуваме сите подготовки за Командата да бидат завршени уште во месец јуни за да можеме да го официјализираме почетокот на нашиот мандат како домаќин на Бригатата на Југоисточна Европа”, истакна министерката.
Таа посочи дека во овој момент паралелно течат 4 големи реконструкции на објекти во Армијата, заедно со неколку проекти на модернизација на водоснабдувањето и другите придружни активности во армиските објекти.
“Целта ни е еден по еден сите армиски објекти кои заради природата на работата се стари, да ги доведеме во состојба да бидат добро и квалитетно место за работење на припадниците на Армијата. Во моментов во тек е овој проект за реновирање како и три објекти кои што ги реконструираме во касарната Илинден. Дополнително, на крај е веќе проектот на обновување на водоводната мрежа во Штип и започнуваме нов проект во касарната во Прилеп”, рече министерката Шекеринска.