Денеска со почеток во 13 часот во кабинетот на претседателот ќе се одржи лидерската средба на која ќе стане збор за парламентарните избори и за актуелната состојба со коронавирусот.
Политичките партии пред средбата се со различни ставови околу новиот датум за одржувањето на изборите, кои беа одложени поради пандемијата. Сепак, согласни се дека одржувањето на изборите не смее да го загрози здравјето на граѓаните и ќе се придржуваат до препораките на здравствени власти.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неделата по состанокот со коалициските партнери посочи дека на средбата кај Пендаровски ќе предложат изборите да се одржат на средината на јуни. Од друга страна, опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски пред неколку дена посочи дека според Венецијанската комисија, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се случат предвремени парламентарни избори, или парламентарни избори воопшто.
ДУИ е на ставот избори да се одржат што поскоро, ако тоа е во сосгласност со препораките, додека од опозициската Алијанса за Албанците сметаат дека избори треба да се одржат кон крајот на јули или почетокот на август.
На денешната средба кај Пендаровски ќе присуствуваат претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните избори освоија пратенички мандати со самостојни листи.
Согласно тоа, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, поканети се претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, претседателот на Движење Беса, Билал Касами и претседателот на ДПА, Мендух Тачи.
На средбата се поканети и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претседателот на Владата, Оливер Спасовски, информираат од кабинетот на Пендаровски.