Во Берлин е изградена специјална ковид-болница, во која ќе бидат сместени пациенти во случај да започне вториот бран на коронавирус. Болницата со 500 кревети и повеќе од 100 респиратори ја изградиле Германците за само шест недели, а надлежните велат дека е можно никој повеќе да не лежи во неа, доколку редовните болници имаат доволно капацитет.
За изградба на болницата биле вложени дури 43 милиони евра, а одобрението за изградбата е дадено кон средината на март, кога бројот на заразени лица во Германија почнал драстично да расте. Болницата беше отворена за новинарите во понеделникот, но засега никој нема да биде сместен тука, бидејќи во другите болници има доволно место.
Сепак, Германците сакаат да бидат подготвени за какво било сценарио, со оглед на тоа што забележале зголемување на бројот на нови случаи, откако почнале да ги попуштаат мерките. Во изминатите 24 часа беа регистрирани повеќе од 930 нови случаи, кои ги загрижија функционерите и граѓаните, со оглед дека вчерашниот биланс броел помалку од 400 заразени.
Ова зголемување на бројот на пациенти веројатно се должи на извештаите кои доцнеле за време на викендот, што може да биде објаснување зошто бројот на заразени лица во понеделникот бил помал отколку денес.