Сингапур објави дека ќе користи куче робот со цел да се почитуваат мерките за физичко растојание во парковите.
Тоа е куче робот наречено Спот, кое е произведено од компанијата „Бостон динамикс“, а првин ќе патролира во локалниот парк и ќе ги предупредува граѓаните да го почитуваат физичкото растојание со говорни пораки.
Спот е опремен со камери, кои може да го скенираат неговото опкружување и на тој начин да им овозможи на надлежните органи да проценат колку луѓе се наоѓаат во парковите.
„Врз основа на тие снимки нема да биде можно да се препознае идентитетот на лицата“, се вели во соопштението на владата на Сингапур.
Експериментот ќе трае две недели во еден парк, а доколку сè оди добро, програмата би можела да се прошири, пишува Си-ен-ен.
Сингапур на почетокот доби многубројни пофалби за начинот на кој се справи со пандемијата на коронавирусот, но подоцна ситуацијата значително се влоши, па властите решија да почнат со примена на технологијата во борбата против пандемијата.
Куче робот Спот се користи и во локалниот центар за изолација на пациенти, каде што им доставува лекови на пациентите, пренесува „Н1“.