Онлајн дискусија на тема „Функционирањето и имплементацијата на јавните политики за кризен менаџмент, заштита и спасување” ќе се одржи денеска во организација на Факултетот за безбедност-Скопје при УКЛО и Американскиот центар заазование во рамки на Клубот за креатори на јавни политики за безбедност и меѓународни односи.
Главни говорници на дискусијата ќе бидат Марјан Ѓуровски професор на Факултетот за безбедност-Скопје и проректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски”, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џаферовски и Националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи Павле Трајанов.
– Потребен е сеопфатен и систематски пристап кон креирање јавни политики за кризен менаџмент, заштита и спасување засновани врз принципите на функционалност, поголема координација, субординација, инклузивност и опфаќање широк спектар на проблеми и сектори, воедно да одговори поефикасно на постојаните ризици и закани од глобален, мултидимензионален карактер и домашен карактер, смета, меѓу другото, професор Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје.
Се очекува говорниците да се осврнат на искуствата и предизвиците пред кои се соочени при справувањето со пандемијата и функционирањето на безбедносниот систем на земјата.
Преку оваа активност е постигната целта за поттикнување на активностите во високото образовните и во овие вонредни околности со цел мотивирање на студентите преку електронска комуникација, информира проректорот на УКЛО проф.д-р Марјан Ѓуровски иницијатор на проектот за онлајн клуб за креирање на јавни политики.
Сесиите вклучуваат предавања и дискуии од експерти, носители на одлуки и професори од земјава и странство, споделување практики за донесување одлуки, пишување трудови, симулации и евентуални посети на институции кога ќе се создадат услови за тоа. За своите активности и следења на предавањата и понатамошна практична работа студентите ќе добијат Сертификат од Факултетот за безбедност и Американскиот центар за образование.