За земјите од регионот кои преговарале или започнале преговори за пристапување кон ЕУ, едно од најтешките поглавја е секако Поглавје 27 за животната средина и климатски промени. Ова поглавје вклучува повеќе од 200 правни акти во 10 области: хоризонтално законодавство, квалитет на вода, квалитет на воздухот, управување со отпад, заштита на природата, контрола на индустриско загадување и управување со ризик, хемикалии, бучава, граѓанска заштита и климатски промени.
Потребните активности поврзани со ова поглавје се многу тешки, бидејќи тие се многу скапи (проценета цена за третман на отпад и вода изнесува приближно 1 000 евра / жител). Овие активности ќе имаат реални влијанија врз секојдневниот живот и практиките на жителите, но, исто така, ќе доведат до видливи подобрувања на животната средина и јавното здравје.
Најновата анкета на јавното мислење спроведена на социјалните медиуми поврзана со отпадот покажува ниско ниво на свесност за нашите обврски поврзани со преговорите со ЕУ. Половина од испитаниците (48%) воопшто не слушнале за ова поглавје, додека 35% имаат слушнато, но не знаат за што станува збор (значи дека само 17% се свесни за тоа). Овие бројки покажуваат дека е потребно да се информираат и едуцираат граѓаните (деца, млади, возрасни).
Другите прашања од истражувањето поврзани со информации за отстранување на отпадот, балирањето како начин за справување со големи количини отпад, отпадот како енергија (користење отпад за обновување на енергијата), рециклирање на отпадот и контролирани депонии, ја откриваат ниската свест на населението за овие теми.
Земјата се соочува со проблем со изградба на регионални депонии за комунален отпад со години поради неприфаќање од локалното население. Иако овие депонии се повеќе центри за управување со отпад отколку само депонија, со помалку од 20% складиран отпад, јавноста сè уште протестира против нивната изградба. Неодамна, сличен протест се случи за проектот за единицата за рециклирање и депонија кај Неготино, и покрај тоа што се работи за индустриски неопасен отпад.
Сепак, не е сè толку црно и ова истражување дава причина за оптимизам затоа што постои вистинска свест на населението за придобивките за животната средина од правилно управување со отпад (80% од испитаниците се свесни за истите). Според истражувањето, граѓаните би се согласиле со изградба на регионални депонии за комунален отпад (59%) доколку се доволно информирани за овие придобивки, 38% би можеле да се согласат, додека само 3% се против нивната изградба.
Управувањето со отпадот е секако најкомплексната област и најпроблематичната точка во која дури и понапредните земји се забавени заради решавање на овој проблем. Кај нас, со оглед дека досега не е сработено скоро ништо и се отстранува отпадот во депониите, од кои само една, Дрисла во Скопје, ги исполнува минималните стандарди, а во услови на постоење на околу 200 нелегални депонии, сосема е јасно дека ни претстои многу работа.