– Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо денеска изјави дека неговите двајца политички советници од САД поднеле оставка, откако не успеа нивниот план за апсење на социјалистичкиот претседател на Венецуела, Николас Мадуро.
Гуаидо рече дека ги прифатил оставките на Хуан Хозе Рендон и Серхио Вергара, кои го ангажирале поранешниот припадник на специјалните сили на американската армија, Џордан Гудро, да го предводи тимот што ќе го уапси Мадуро.
Откако тој договор не успеал, Гудро на 3 мај се обидел самостојно да изврши напад на плажата крај Каракас, кој беше неуспешен.
Рендон рече дека на Гудро му дал 50.000 американски долари за првичните трошоци, но и двајцата наведуваат дека договорот не бил извршен и оти немало повеќе плаќања.
Гудро изјави дека, иако не бил платен во целост, тој продолжил со мисијата за да помогне во ослободување на Венецуела од Мадуро и додава дека во тоа биле вклучени околу 60 луѓе.
Венецуелските власти соопштија дека убиле најмалку шестмина обвинети „платеници” и уапсиле најмалку 40 од нив, меѓу кои и двајца поранешни американски војници поврзани со американската фирма „Силверкорп” на Гудро со седиште во Флорида.
Мадуро тврди дека целта на мисијата била да се изврши атентат врз него.
Гуаидо, кој е признаен како привремен претседател на Венецуела од страна на САД и околу 60 други земји, негира дека бил дел од заговорот, но се нашол под притисок од најмалку една опозициска партија да објасни што точно се случило.
Од друга страна, Гудро објави, како што тврди, тајна снимка од Гуаидо за време на состанок на кој бил потпишан договорот за апсење на Мадуро.
Тимот на Гуаидо изјави дека „ги прифати оставките на службените лица и им се заблагодари за посветеноста кон Венецуела”.