Познатиот македонски сликар и хуманист Живко Поповски – Цветин го одбележа денешниот Светски ден на сестринството со изложба насловена како „Цвеќе на хуманоста за медицинските сестри“.
На својот балкон, Цветин организираше уметничка изложба посветена на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗА НАС. Тој постави уметнички слики со цвеќиња на балконот и ја распосла својата позната слика од 101 метар до дворот пред згрдата.
„Во чест на медицинските сестри кои постојано се со пациентите – од нивниот прием до крајот на лекувањето. Работат пожртвувано, хумано и беспрекорно се ангажираат и во ова време на пандемија, но и при редовната работа. Тие имаат подолг и понепосреден контакт со пациентите, на кои покрај лекувањето им е потребно и убаво однесување и насмевка. Заради нивната хуманост, на овој ден, повеќе години наназад, организирам разни манифестации и учествувам во Здружението“, вели Цветин, член на Лајонс клубот Вардар.
Оваа година, поради сетот заштитни мерки, манифестацијата се одржа во дворот на неговата зграда, каде на соодветна дистанца присуствуваа претставници на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, на Црвениот крст на Град Скопје и доктор Соња Бојаџиева, Гоце Бужаровски и доктор Мики Филев, членови на Лајонс дистрикт 132. Манифестацијата ја збогатија членовите на групата „Трио“ и поетскиот настап на Лидија Лучко Јеремиќ.
Поповски – Цветин ќе подари слики во А4 формат на Здружението на медицински сестри, но и на Светската здравствена организација, Светска асоцијација на медицински сестри и на соодветните здравствени институции во Република Северна Македонија кои успешно се справуваат со корона вирусот.
Уметникот и хуманистот Цветин подари 200 рози на медицинските сестри во чест на Флоренс Најтингел, прва медицинска сестра која е родена пред 200 години.
Оваа година e прогласена за година на сестринството и 12 мај за Светски ден на сестринството.