Економскиот пад на Франција забавува бидејќи земјата полека ги укинува карантинските мерки воведени во средината на март, иако активноста е сè уште под нормалата, објави денеска Централната банка на земјата.
Работењето на втората по големина економија во еврозоната во април беше 27 проценти под вообичаеното ниво, по пад на активноста за 32 проценти во втората половина на март, соопшти Банката на Франција, засновајќи ја својата проценка врз одговорите на деловните субјекти на месечното истражување за деловната клима.
– Можеме да целиме кон закрепнување за уште 10 процентни поени до крајот на мај, изјави гувернерот на Банката на Франција Франсоа Вилруа де Гало за радио „Франс Интер”.
Франција вчера почна со ублажување на строгите мерки воведени за борба против епидемијата на Ковид-19, и после осум недели дозволи повторно отворање на продавници за стока која не е од витално значење, како и започнување со работа на фабрики и други бизниси.
Банката на Франција не даде квартална прогноза за БДП, како што обично прави кога објавува истражување за деловната клима, со оглед на природата на тековната криза без преседан.
Сепак, Вилроа рече дека двомесечната блокада ја чинеше економијата 6,0 проценти од изгубената активност досега оваа година, но оти конечната сметка веројатно ќе биде поголема бидејќи закрепнувањето ќе биде нерамномерно.