– Тавакол Карман, истакнатата јеменска активистка за човекови права и добитничка на Нобеловата награда за мир, тврди дека е цел на „напади и кампања” на саудиските медиуми, откако беше избрана да биде дел од новото надзорно тело на Фејсбук.
Карман е една од 20-те лица кои беа избрани да ја следат чувствителната содржина што се објавува на социјалната мрежа и, доколку е потребно, да одлучи за отстранување на материјал од платформата.
– Засега, најважно е дека сум безбедна од пилата што се користеше за да се исече телото на Џамал Кашоги на парчиња, напиша таа на Твитер, алудирајќи на убиството на саудискиот новинар и писател Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул во октомври 2018 година.
Задачата на новото тело е да донесе одлука за „најпредизвикувачки содржини на Фејсбук, вклучително и оние што спаѓаат во говор на омраза, злоупотреба или заштита на безбедноста и приватноста на корисниците”.
Ова тело, како што е објаснето, ќе донесува конечна одлука дали некоја содржина треба да остане или да се отстрани од Фејсбук и Инстаграм.
Карман стана почитувана за време на арапската пролет во 2011 година, кога беа соборени многу авторитарни лидери во регионот, вклучувајќи ја и нејзината земја Јемен.
Истата година, нејзиниот активизам и учеството во создавање мир беа наградени со Нобелова награда.