Грчката Влада ја поздравува рамката на упатствата и препораките за туризмот и транспортот што денеска ја презентираше Европската Комисија, вели портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас и истакнува дека Грција беше таа која “прва го постави прашањето за туризмот во европскиот јавен дијалог”, јави дописничата на МИА од Атина.
Пецас додава дека денешната рамка е постигната во соработка со други земји и со ЕК, но и ја почитува слободата за движење на луѓето, што е една од четирите основни слободи на ЕУ.
-Грција, благодарение на нејзиното брзо и ефективно справување со пандемијата на коронавирусот е меѓу земјите со најниско ширење на вирусот на 100.000 жители и ова е уште еден фактор за привлекување туристи во нашата земја, вели Пецас.
Објаснува дека во следните денови ќе биде претставен комплетниот план на Владата за рестартирање на туризмот, „со главен критериум заштита на јавното здравје и поддршка на работните места”.
-Но, да немаме илузии, летото оваа година нема да биде како ланското, додава портпаролот на грчката Влада во писмената изјава.