Зелената партија ДОМ е крајно загрижена по објавувањето на информацијата во медиумите дека Управниот суд донел пресуда во полза на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ на 31 март оваа година, среде пандемија и вонредна состојба. Со неа се поништува одлуката од второстепената владина комисија за одбивање на дозвола за експлоатација на рудникот Иловица. Ја побаравме пресудата на официјалната страна на Управниот суд, за да дознаеме врз база на какви „аргументи“ е поништена една правнички чиста одлука, која беше основа и за одземање на концесијата од страна на Владата. Но, пресудата не можевме да ја најдеме. Ќе ја побараме по официјален пат, повикувајќи се на Законот за пристап до информации од јавен карактер.
А во меѓувреме, јавно прашуваме: Дали Управниот суд ја крие пресудата за рудникот Иловица и зошто? Доколку е така, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупција да постапи по допрен глас и да се заинтересира дали се крие корупција зад ваква скандалозна пресуда и кој се е вклучен во неа? Македонските екологисти не прифаќаат бизнис на сметка на здравјето и заштитата на животната средина. Борбата против отворање рудник во Иловица, среде плодни полиња, ќе продолжи.