Основното јавно обвинителство Велес до Основен суд Велес денеска поднесе предлози за издавање казнен налог против 11 лица кои сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Лицата го прекршиле полицискиот час и биле затекнати како без дозвола се движат на различни локации низ градот спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија.
Велешкото обвинителство предложи на обвинетите да им се изречат парични казни во висина од по 40 дневни глоби во износ од по 20 евра, односно вкупни казни од по 800 евра во денарска противвредност.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Штип, денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против четири лица. На лицата им се става на товар дека не ги почитувале мерките за забрана за движење и во време на полициски час, без дозвола се движеле на различни места во градот, при што сториле кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од чл. 206 став 1 од КЗ.
Обвинителството му предложи на Основниот суд Штип на обвинетите да им биде изречена парична казна во висина од 500 евра во денарска противвредност, односно по 50 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да изнесува 10 евра.
По доставените кривични пријави против две лица, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Тетово до Основниот суд-Тетово достави предлог за издавање казнени налози за двете лица. Лицата се обвинети дека сториле кривично дело Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија предвидено и казниво во чл. 206 став 1 од КЗ.
Обвинителството му предложи на судот на обвинетите да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби.