Од денеска ќе започнат со работа моловите, но со скратено работно време, а обврзани се да одржуваат ред и да го ограничат бројот на посетители.
Угостителските објекти во трговските центри ќе можат да работат само со шалтерски систем и достава. Моловите ќе мора да се дезинфицираат, а со работа од денеска стартуваат и спортските обложувалници и други обложувалници со шалтер.
„Се дозволува отворање на моловите со почитување на строги правила за спречување на ширењето на Ковид-19. Во моловите и натаму нема да биде дозволено да се примаат гости во рестораните и кафулињата, освен преку шалтер или достава. Протоколот предвидува ограничено скратено работно време од 10 до 18 часот, со исклучок во недела кога тие ќе се затворени. Остануваат сите мерки за заштита кои предвидуваат задолжително регулирање на влезот на лица во затворениот продажен центар од страна на овластено лице за да не се дозволи групирање на луѓе во ходниците, опрема за лична заштита, како и дезинфекција на моловите“, најави вчера техничкиот премиер Оливер Спасовски.