Десетици илјади работници заробени на крузерите станаа очајни поради пандемијата на коронавирус, па во последните 10 дена, некои од нив извршија самоубиство, а некои започнаа штрајк со глад за да стигнат до копното, а потоа и до нивните домови.
Од 2 мај, кога започна штрајкот, низата на смртни случаи е непрекината.
Двајца вработени се самоубиле, еден паднал од палубата на крузерот на „Ројал Карибиен“, „Jewl of the Seas“, во океанот под необјаснети околности, а последниот починал пред три дена, како што велат од компанијата, од природна смрт.
„Маж се самоуби на бродот ’Карнивал бриз’, кој тргнал од Бахамите за Европа, а 39-годишна Украинка скокнала од ’Регал принцес’. Друг вработен починал истиот ден, но под природни околности. Работел на ’Marines of the Seas’ на Ројал Карибиен“, пишуваат американските медиуми.
Во меѓувреме, 14 членови на екипажот започнаа штрајк со глад на друг крузер на „Ројал Карибиен“, „Navigator of the Seas“.
„Во моментов се чувствуваме како сите да сме заложници“, рече член на екипажот на бродот закотвен во Мајами.
„Компанијата треба да разбере дека не сме кутии со храна со која може да се прави сешто“, пренесуваат медиумите.
Индустријата на крстосувања е тешко погодена од епидемијата на коронавирусот и сите крузери се закотвени уште од 13 март.



