Царовска: Се прават подготовки за отворање на градинките под посебни протоколи

Заменичка на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, во „Програма 200“ на Алсат телевизија, најави дека тестирањето на кадарот во градинките од Ковид-19 е подготовка за постепено ставање во функција на овие установи.

 

„Ако почнеме да ги ослободуваме сите капацитети, економски, навистина градинките треба полека да се стават во функција, не со полн капацитет, не со бројот на деца кои што предходно сме го имале, но секако со посебни протоколи“, рече Царовска.

Вицепремиерката истакна дека заштитната функција на градинките секако во еден дел не е само oбразовна и воспитна, туку и сервис којшто им помага на родителите да  може да ги остваруваат своите работни задачи.

„Знаете дека Владата донесе мерки со коишто ослободи еден дел од родителите од своето работно место, да може да се грижат за децата, како субститут на сервисот градинка. Но, ако почнеме да ги ослободуваме сите економски капацитети, навистина градинките треба да се стават во функција. Еден од чекорите е тестирање на вработените“, објасни вицепремиерката.

Царовска истакна дека како општество, генерално добро се справуваме до сега со целата оваа ситуација, а граѓаните во голема мера ги почитуваат мерките за заштита и превенција.

„Мислам дека и како менталитет, граѓаните повеќе ги почитуваа поцврстите мерки, а помалку помеките мерки, и затоа заеднички ја подигаме јавната свест, ние како политичари, вие како новинари и сите останати“,  посочи Царовска.

 

Треба да знаете
Последни објави