На површина од 5000 квадратни метри и инвестиција од 33 милиони денари е уреден просторот во центарот на Скопје, на потегот од плоштадот кон влезот во Градскиот трговски центар. Инвестицијата не е на Градот, туку, како што рече градоначалникот Петре Шилегов, на совесни граѓани на Скопје кои сакале да помогнат да го уредат девастираниот простор.
Се работи за приватен простор и затоа Градот не можел да инвестира за да го уреди со јавни пари, но Шилегов истакна дека нема да дозволи додека е прв човек на главниот град на тоа место кое отсекогаш било јавен простор за граѓаните да биде изградена 20-метарска зграда. Претставувајќи го уредениот простор со тревник, тој денеска ги повика и граѓаните во одбрана, а побара и од надлежните институции и Јавното обвинителство заштита со поништување на продажбата и враќање на сопственоста онаму каде што просторот припаѓа.
– Ова е простор на Град Скопје. Ова не е простор на којшто ќе треба да се прават луди барокни експерименти. Овој тревник, за жал, во 2012 година бил продаден од тогашната власт и на овој простор треба да никне 20-метарска, можеби и повисока зграда, а на аголот кај стоковната куќа улицата да биде широка помалку од три метри. Ова е приватен простор на кој Град Скопје не можеше да инвестира со цел да го уреди. Меѓутоа, додека сум јас градоначалник, заедно со градоначалникот на Општина Центар, ќе се грижиме овој простор да остане јавен и со цела политичка структура која ја претставуваме ќе стоиме во негова одбрана и нема да дозволиме овде да биде изградена зграда, изјави Шилегов.
Смета дека фактотот што ЈО нашло елементи да покрене постапка за кривична одговорност на 11 инволвирани лица зборува, рече тој, дека продажбата била сомнителна, а и за фактот дека тука не треба да има зграда. Очекува дека Обвинителството и судовите „ќе почнат да си ја вршат својата работа онака како што треба и по основ на донесени кривични пресуди за криминалната продажба на плоштадот”.
– Скопје е единствен град во светот во кој е продаден плоштадот. Откако ќе се врати во државна сопственот, ќе можеме да размислуваме како да го преуредиме овој простор, рече Шилегов.
Демантираше дека судски е донесена одлука во корист на сопственикот и на новирско прашање одговори дека земјиштето на тој простор никогаш не е предадено во владение на, како што рече, таканаречените сопственици. – Ова никогаш го немаат добиено во владение и бидејќи го немаат владението, не можат ни да го оградат. Нека пробаат да го оградат, па да видат што ќе ги најде, додаде градоначалникот.
За новиот простор рече дека заедно со зелениот покрив на ГТЦ претставува нов стандард за изглед на јавниот простор во главниот град. Соопшти дека се употребени три вида плочки, а просторот е дополнет со клупи и засадени 22 повеќегодишни дрвја. Првпат има и патека за движење на лица со оштетен вид.
Во тревникот е плочата на местото каде што била куќата во која е родена Мајка Тереза, а во близина се и три елки кои нобеловката ги засадила во 1980 година при посетата на Скопје, заедно со тогашниот скопски градоначалник и бискуп на Католичката црква.
Во однос на реакцијата на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците од каде вчера побараа да се овозможи пристап до спомен-плочата за Мајка Тереза, Шилегов одговори дека Градот нема право да инвестира и, како што рече, да троши јавни пари за приватна парцела. Повтори дека во уредувањето на просторот што денеска го промовираше Градот нема инвестирано јавни средства.
– Како што кажав и вчера, ме интересира зошто некој дозволил местото каде што била куќата на Мајка Тереза да биде продадено. Зошто не ја спречил продажбата кога тогаш, веројатно, имал и влијание и моќ. Треба да се реагира на двојните критериуми во нашето опшстетво. Во политиката сум седум години и немам видено реакција, вклучително и од Институтот, дека бил против или ја стопирал продажбата каде што е местото на куќата на Мајка Тереза, додаде Шилегов.