Неофицијалниот почеток на крајот на СФРЈ се смета инцидентот на „Максимир“ на 13 мај 1990 година, Динамо Загреб ја пречека Црвена Звезда, натпреварот остана запаметен како историски не поради резултатот туку поради нередите на теренот.
Неодиграното дерби ќе остане во вечно сеќавање на овие простори по една немила сцена која според многумина беше своевиден тест за распадот на СФРЈ, а денеска кога се полнат точно 30 години од незаборавниот инцидент на „Максимир“ кој лесно можеше да одведе и човечки животи, легендарниот Дарко Панчев даде свое видување во интервјуто за „Мондо“.
– Не можам да тврдам, но подоцна се велеше дека тие нереди беа еден „пробен балон“ за распад на државата, нешто што подоцна се случи и беше реализирано. Наводно, инцидентите на „Максимир“ беа организирани за да се сменат полициски командири и началници кои не беа Хрвати. Немаше никаков предзнак дека ќе се случи нешто лошо, до тој момент, нашиот престој во Загреб беше сосема нормален. Сакам да истакнам дека играчите на Динамо имаа коректен однос, со дел од нив се видов подоцна во репрезентацијата и заедно се согласивме дека тоа што се случи не беше нормално. Можеа да се случат многу полоши работи. Звоне беше млад и понесен од целата ситуација. Реагираше неадекватно за спортист, но јас знам дека тој е одличен и паметен човек, тогаш го понесе еуфоријата. Секој може да погреши, рече Панчев.
За крај, тој нагласува дека светската политика направила да видиме распад на една страшна генерација која ќе доминирала во фудбалот со години.
– На сцена стапуваше феноменална генерација на фудбалери и реално гледано, без никаква лажна скромност, надоаѓаше декада на светска доминација од југословенскиот фудбал. Наместо тоа, светската политика го уништи цел регион, а не само фудбалот, завршува Панчев.