По еднонеделната забрана за посета, плажите во Лос Анџелес се отворија со обврска да се носат маски, но одредбата да не се напуштат домовите останува на сила.
На жителите на округот Лос Анџелес им е дозволено да одат на плажа ако носат маска кога не се во море и ако се активни, т.е. ако сурфаат, пливаат или трчаат.
Забрането е да се седи на песок.
„Мислам дека тоа е навистина добро. Луѓето внимаваат, навистина никој не лежи тука, инаку гувернерот Њусом би бил лут затоа што е правило да се движиме”, рече Карон Карус од плажата Менхетен, југозападно од Лос Анџелес.
Националната агенција за паркови дозволи ограничен пристап и до националните паркови Гранд Кањон и Јелоустон, кои претходно беа затворени.
Шефот на одделот за здравство во округот Лос Анџелес, Барбара Ферер изјави дека одредбата да не се напушти домот за приближно 10 милиони жители на округот ќе остане на сила цело лето, иако некои ограничувања ќе бидат олеснети.



