Граѓанското движење на Ромите – АВАЈА реализира Дијалози со заедницата и локалната самоуправа во 17 општини во Република Северна Македонија. Со овие Дијалози се мапираат ургентните потреби и проблеми на заедницата, по што тие се презентираат пред локалните институции и Градоначалниците за да се најде соодветно одржливо решение.
Првиот Дијалог со заедницата се одржа пред два дена со општина Берово преку електронската платформа ЗУМ, на која присуствуваа околу 90 ромски семејства, директорот на Агенцијата за вработување Љупчо Димитровски, психологот на средното училиште Ванчо Чибански, како и пратеничката Јагода Шахпаска. И покрај ветувањата на градоначалникот Звонко Пекевски, тој сепак не присуствуваше на средбата.
Ургентна реакција од локалната самоуправа и од институциите побараа ромските семејства во доменот на инфраструктурата и домувањето. Семејствата кои живеат на улиците „Прохор Пчински“ и „23 Август“, немаат канализациона и водоводна мрежа и побараа локалната самоуправа да ја постави или да обезбеди јавни чешми. Тие побараа и да се донесе Деталниот урбанистички план за овие населби.
Граѓаните побараа и општината да пренамени пари од локалниот буџет за поддршка на 10 најзагрозени семејства и отпишување на долговите кон јавното комунално претпријатие за сите приматели на гарантирана минимална помош. Исто така, побараа 50 граѓани да се вклучат во различни програми на Агенцијата за вработување, да се определи одреден надомест како невработени и да се овозможи подобрување на вештини, нивно времено ангажирање доколку изгубиле работа или не се вработени.
Сите овие проблеми и предизвици, официјално, ќе бидат проследени до градоначалникот Пекевски и до Советот на општината за да се пристапи кон нивно итно решавање.
Дополнително, граѓанското движење АВАЈА во наредниот период ќе спроведе вакви Дијалози со заедницата и локалната самоуправа во останатите општини во Македонија. Исто така, за да излезе во пресрет на ургентните потреби на заедницата АВАЈА обезбеди буџет од 17.000 долари за ублажување на последиците од Корона вирусот.
АВАЈА во однос на пандемијата со Ковид 19 вирусот, од февруари 2020 година, се фокусираше на преземање социјални и економски мерки за да се ублажат здравствените и економските последици врз Ромската заедница. Во таа насока, активно го застапуваме прашањето за влезот на лицата од неформалната економија во системот на социјална заштита, како и на лицата кои се избришани од евиденција од АВРМ, одложување на ратите од кредитите од небанкарските институции и донесување подзаконски акти за лицата без документи да имаат пристап до одредени права од социјална заштита, вработување, образование и здравствена заштита.