Богоев на онлајн конференција: Големиот парк во Карпош е во напредна фаза

Интензивно се работи на подигнување на нови зелени површини, при што се поставуваат и системи за наводнување. Во изминативе две години, засадени се 1.560 м2 нови тревни површини и 643 висококвалитетни дрвја во Карпош.

Добро е што активностите во сферата на заштита на животната средина продолжуваат да се реализираат и покрај пандемијата со Covid – 19, истакна градоначалникот Стефан Богоев, на денешната е – конференција, во организација на Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој (CeProSARD), во рамки на проектот „Чиста енергија за чист воздух“.

Покрај тековното зголемување на зеленилото, Општината интензивно работи и  на два паркови кои ќе претставуваат една целина, од Алпинистичката карпа до бунарите на р.Лепенец. Тука ќе се добие Спортско – адреналински парк, а децениските депонии веќе се минато:

– Целосно го израмнивме и теренот кај бунарите на р.Лепенец, заедно со градските јавни претрпијатија. Добиваме нов парк на повеќе од 60.000 м2, добиваме ново белодробно крило за Карпош и Скопје, рече Богоев.

Градоначалникот говореше и за други активности кои Општината ги реализира во областа на екологијата. И покрај фактот што се исцрпија субвенциите за велосипеди и електрични тротинети, локалната самоуправа ќе ја разгледа можноста, при ребаланс на Буџетот, пред Советот, да се предложи уште една серија на субвенционирање на овие алтернативни превозни средства. Сепак, ребалансот е процес кој може да се направи во нормализирани услови, а не во време на вонредна состојба или предизборен период.

На online конференцијата, еден од говорниците беше и Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање. Токму со поддршка од оваа институција се постави ново зеленило и систем за наводнување во училиштето „Војдан Чернодрински“ (на Млечен), а ќе се продолжи со уредување на училишните дворови и на „Петар Поп Арсов“ (Карпош 4) и „Христијан Тодоровски – Карпош“ (Карпош1).

На самиот крај, тој ја истакна и важноста од соработката со граѓанските организации, кои работат со младите, од градинките, основните и средни училишта. Системски промени ќе имаме само ако работиме со новите генерации, со најмладите.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави