На „Боинг“ му беа доделени два договори вредни повеќе од 2 милијарди долари за испорака на повеќе од 1.000 ракети воздух – земја и противбродски ракети на Саудиска Арабија, соопшти Пентагон во средата, пренесува „Брејтбарт“.
Првиот договор, вреден 1,97 милијарди американски долари, е за модернизација на крстосувачките ракети SLAM ER, и за испорака на 650 нови проектили за поддршка на владата на Саудиска Арабија. Договорот треба да биде завршен до декември 2028 година за SLAM ER, ракета воздух-земја наведувана од ГПС со опсег до 155 наутички милји (околу 290 километри).
Пентагон исто така најави договор вреден над 650 милиони долари за испорака на 467 нови противбродски проектили „Харпун блок 2“, вклучувајќи повеќе од 400 за Саудиска Арабија.
Другите проектили ќе бидат доставени во Бразил, Катар и во Тајланд. Придружната опрема ќе биде доставена до Индија, Јапонија, Холандија и Јужна Кореја.
Во посебна изјава, од „Боинг“ информираа дека новите договори ќе обезбедат продолжување на програмата „Харпун“ до 2026 година и ќе ја рестартираат линијата за производство SLAM ER.
„Боинг“, кој рече дека го испорачал својот последен систем за оружје SLAM ER во 2008 година, вкупниот договор го проценува на 3,1 милијарди американски долари. Портпаролката рече дека договорот вклучува и претходно најавена нарачка.